Утрински весник“ 14. пат ќе ја додели престижната литературна награда ’Роман на годината’

Катерина Богоева

„Наградата ’Роман на годината’ ми е важна и дојде во вистински момент како потврда за патот кој го зацртав пред себе. Ме стимулираше да завршам со некои други обврски, но и ми наметна нови предизвици. Како награда за прва книжевна објава воопшто, ми беше знак да верувам повеќе во себеси, а воедно и да ги споделувам своите искуства со вистинските вљубеници на пишаниот збор. Стекнав нови пријатели – читатели и писатели. Најмногу поради нив сум среќна“, изјави деновиве м-р Снежана Младеновска-Ангелков, добитничка на минатогодишната награда „Роман на годината“ на „Утрински весник“, која и’ беше доделена за романот „Единаесет жени“. Случајно, договорениот ден за фотографирање беше првиот снежен ден во Скопје, каде што младата писателка и живее, а со неа денеска и го стартуваме, годинешниот, 14. по ред, конкурс за престижната награда за роман која постои од 1999 година, годината кога стартуваше и „Утрински весник“. Наградата без поговор привлекува големо внимание кај читателите, писателите, издавачите, за што говори и фактот дека досега за неа конкурирале над 400 романи, а само минатата година на објавениот конкурс пристигнаа 31 роман.

За наградата одлучува петчлена жири-комисија составена од редот на писателите, литературните критичари, универзитетските професори по литература, од афирмираните писатели и имиња од културата. Добитникот добива статуетка и плакета и паричен дел од покровителот на наградата „Т- мобиле“ во вредност од 150.000 денари.

За минатогодишната добитничка, добиената награда е награда за која мечтае секој автор. „Особено младите автори, кои сакаат да го пробијат својот пат на македонското книжевно небо. Потврда за тоа се големиот број на романи кои стигнуваат на вашата адреса, а инаку се од повеќе издавачки куќи, што само зборува и за нивниот интерес“, рече Младеновска-Ангелков.

„Единаесет жени“ во своја едиција „ПРОаЗА“ го издаде „Или-или“, издавачка куќа од каде што деновиве посочија дека добивањето на наградата влијаеше на зголемување на интересот за романот. Како одличен момент за презентација го издвоија Саемот на книгата, кој се одржува во април во Скопје, еден месец по доделувањето на наградата, каде што писателката се дружеше со широк круг на читатели, потпишуваше книги. Во однос, пак, на продажбата, потенцираа дека интересот за книгата беше најголем во нивната книжарница, додека во останатите скопски книжарници беше на задоволително ниво. „Поради немањето книжарници во најголем дел од македонските градови, пак, не би можеле да зборуваме за интерес за книгата надвор од Скопје, каде што можеби соодветна улога треба да одиграат и градските библиотеки. За жал, ситуацијата и со нив не е розова, со чест на единствениот исклучок, градската библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово, која практикува да ги промовира вредностите во домашната литература на годишно ниво. Промоцијата на „Единаесет жени“ наиде на одличен одзив кај тамошните читатели, пример кој треба да го следат и останатите библиотеки во државава“, издвоија од „Или-или“ дел од своето искуство со наградениот роман.

А токму таа библиотека каде што во мај пред многубројна публика беше претставен минатогодишниот „Роман на годината“, како што потенцира нејзината директорка Нада Ивановска, е библиотека со долгогодишна традиција во претставување и на добитниците на оваа награда на „Утрински весник“. Во неа досега се промовирани и наградените романи „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли, „Индиго Бомбај“ од Јагода Михајловска- Георгиева, „Нишан“ од Блаже Миневски, „Џахиз и истребувачите на кучиња“ од Пајо Авировиќ, „Изгубен жегол“ од Милован Стефановски и други. „Библиотеката ги следи книжевните случувања кај нас, редовно ги набавува овие книги што можат и да се позајмуваат. Промоциите придонесуваат да се зголемува интересот за овие дела. Постои една одредена публика што редовно ги следи овие настани, но сепак на овој план треба постојано да се работи за што поуспешно да се популаризираат книгите. Тоа во крајна линија значи и зголемен интерес за читање“, потенцира директорката.

Меѓу оние кои го купуваа минатогодишниот роман на годината беа и дел од студентите на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, која се труди изучувањето на македонската книжевност како дел од Студиските програми на факултетот да го оствари преку најразлични облици. Таа им го даде романот „Единаесет жени“ на своите студенти сметајќи го за предизвик за нив и за самата себеси.

„Моето главно прашање се однесуваше на тоа дали овој роман заслужува да биде прогласен за роман на годината и дали за нив е заводливо/читливо четиво кое ги провоцира и ги поттикнува да напишат текст под кој ќе се потпишат. Кога им го најавив предизвикот, на прв поглед им изгледаше дека имаат едноставна задача. Но, кога сфатија дека се препуштени сами на себе и на своето читање поради отсуството на сериозни и многубројни критики за самиот роман, видоа дека задачата не е воопшто лесна. Напротив, таа е многу одговорна и сериозна. Затоа сите поитаа да си го купат романот. Секој сакаше да го има за себе, да го чита и препрочитува, да забележува и да остава свои траги на неговите маргини, да остава свои гласови меѓу единасетте жени на Младеновска-Ангелков. И така се изненадија од леснотијата со која го примија текстот. Но кога требаа да седнат и да пишуваат … е тогаш се соочија со слатките проблеми од типот: Како да му се пристапи на роман кој има добиено висока награда? Како да се чита авторката која до појавата на овој роман е тотално анонимна? Како да се напише нешто мудро и научно-книжевно за нешто што е толку едноставно и секојдневно? Како да се пишува за кадрирањето на приказните и фрагментарноста на женските ликови? Од каде да се прочита нешто, за да се добие некаква идеја? И така од тие нивни трагања, од тие наши мудрувања се родија многу есеи, од кои неколку се издвоија со својата инвентивност и професионалност. Тоа беа есеи на прво и искрено читање!

Секако ова не е единственото искуство врзано со годинашниов добитник! Така досега една академска популаризација преку истражувањата што ги правеа студентите минативе години како завршен есеј или истражувачки теми доживеаја и некои претходни добитници, како Венко Андоновски или Томислав Османли“, посочи Мојсова-Чепишевска.

Почнува трката за најдобриот роман на годината за 2012 година, името на добитникот ќе се знае во март идната година.

ТЕКСТОТ Е ВО ЦЕЛОСТ ПРЕВЗЕМЕН ОД УТРИНСКИ ВЕСНИК

Утрински весник“ 14. пат ќе ја додели престижната литературна награда ’Роман на годината’
0 votes, 0.00 avg. rating (0% score)